Охрид се наоѓа на надморска височина од 695 метри и е најголем град на брегот на Охридското Езеро кое се проценува дека е старо околу 3 милиони години и е едно од најстарите езера на светот. Езерото изобилува со ендемска флора и фауна и заедно со Градот Охрид е ставено на списокот на УНЕСКО како светско културно и природно наследство.
Седумте милениуми постоење во градот оставија огромно културноисториско наследство, па во Охрид можете да сретнете локалитети и објекти кои датираат од праисторијата, антиката, ранохристијанството, средновековието, исламот. . .Градот е седиште на Македонската Православна Црква олицетворена во Охридската Архиепископија, верска институција која била меѓу првите кои го донеле христијанството во Европа.
Низ вековите, Охрид бил поробуван, уништуван од човечка рака и од природни катастрофи но секогаш градот повторно се издигал и обновувал во уште поубав.
Денешниот Охрид има околу 45 000 жители а општината е со површина од 389,93 км2. Урбаната зона на Охрид е составена од Стариот Град кој е лоциран во средината на урбаната зона, а него го чинат Варош, Месокастро и рибарската населба Канео. Во стариот Град Охрид се лоцирани најголем дел од културно историските локалитети на градот, музеите, во него се лоцирани објекти кои ја отсликуваат старата архитектура, а тука се и Заводот и Музеј на Град Охрид и Дебарско Кичевската Митрополија. Во состав на старото градско јадро е и Старата Охридска чаршија и двата градски плоштади. На едниот од нив е лоциран новиот споменик подигнат во чест на заштитникот на Охрид, Св.Климент Охридски и плоштадот кај Чинарот, дрво кое е старо повеќе од 1 000 години. Како составен дел на Стариот Охрид се смета и Градското Пристаниште.
Како засебна целина може да се гледа и на кејот кој го носи името Маршал Тито, и се протега од пристаништето па се до каналот Студенчишта. На овој кеј се изградени голем број приватни хотели со помал капацитет, ресторани, кафетерии и објекти за приватно сместување. Најрепрезентативен и најголем објект на кејот е хотелот Палас кој во моментов е во фаза на реновирање.
Останатите делови од урбаната целина на Охрид во најголем дел се новоизградени населби, а позначајни објекти и локалитети во пошироката урбана зона се Спортскиот Центар - Билјанини Извори, Хирдобиолошкиот Завод ( најстара научна институција од ваков вид на Балканот) , самите Билјанини Извори кои се во непосредна близина на заводот, каналот Студенчишта , автобуската станица, поштата, како и неколку трговски центри и бројни супер маркети, банки, бутици, автосалони и ред други содржини кои го чинат модерното живеење. Во урбано подрачје од Охрид се изградени и бројни станбени комплекси, помали хотели, мотели и приватни пансиони.
На поширокото градско подрачје е лоцирана и индустриската зона на градот која се протега во периферијата, во предградијата Косел и Лескоец каде се лоцирани најголемите фабрики во Охрид. Покрај за туризам, индустриските капацитети и разновидното стопанство го прават Охрид, атрактивен и за бизнис, па така последните години се повеќе странски компании од целиот свет, своите партнери и пробивот во Македонија и Европа го прават токму преку охридски компании. Во сферата на туризмот најголеми компании се Комплекс Метропол и Белви, Концерн Инекс Горица и Охрид Турист додека најголеми компании надвор од туризмот во Охрид се Амак Сп, Охридска Банка – Сосиете Женерал Групација , ЕМО, Алсто Мегасев, Велмакс, Си По, Гица, Адвајзори, Г.П Ремис и други.
Градот Охрид денес е место кое нуди комплетна содржина за пријатен и незаборавен одмор. Охрид изобилува со културноисториски споменици, прекрасни плажи, бродови за крстарење, ноќни клубови, дискотеки и кафетерии. Со еден збор, во Охрид се спојуваат сонцето и водата, историјата и современиот живот.
No comments:
Post a Comment