Monday, December 30, 2013

НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „МАВРОВО

НАЦИОНАЛНИОТ ПАРК „МАВРОВО“ е основан со закон на Народното собрание на Народна Република Македонија од 19 април 1949 година, со кој шумските предели околу Мавровско Поле се прогласени за национален парк. Според овој закон, Националниот парк „Маврово“ е формиран „поради особените природни убавини, историското и научното значење на шумите и шумските предели околу Мавровското поле“.
ГЛАВНИТЕ ЗАДАЧИ на управата на НП Маврово се насочени кон заштита на природниот изглед на пределот, животинскиот и растителниот свет во него, градежните и другите објекти, како и кон сите особености на пределот, за да послужат што подобро за исполнување на целите поради кои овој регион е прогласен за национален парк.  
ПОДРАЧЈЕТО НА НП МАВРОВО се наоѓа во шарпланинската група планини од шаркопадинскиот систем. Според денешните граници, ова подрачје ги зафаќа јужните разграноци на Шар Планина, дел од масивот Кораб и планината Бистра, кои граничат со сливот на реката Радика. Мавровското Езеро го опкружуваат разграноците на планините Бистра и Шар Планина. Релјефот е особено развиен и располага со 52 врвови високи над 2000 метри надморска височина, распоредени на сите околни планини. Највисок врв е Голем Кораб, чија висина изнесува 2764 метри надморска височина, кој воедно е и највисок врв во државата. Голем Кораб е вистинска туристичка атракција и со последните мерења се смета дека е за неколку метри повисок од врвот Триглав во Словенија, кој моментално важи за највисок врв на просторите на поранешна Југославија. Најниска точка е месноста Бошков мост на вливот на Мала Река во Радика со 600 метри надморска височина.


ПЛАНИНАТА БИСТРА се карактеризира по тоа што на неа се истакнуваат бројни возвишенија издигнати над највисоката флувијална површина. Бистра има најголем број врвови повисоки од 2000 метри. Во јужниот северниот и источниот правец на Кораб се издигаат повеќе врвови над 2000 метри надморска височина, како . Меденица (2163 метри надморска височина), Корапска Врата и други. Сливното подрачје на горниот тек на Радика има изразита планинска релјефна структура, каде што се допираат ограноците на Кораб и Шар Планина.  


ЕДЕН ОД НАЈИНТЕРЕСНИТЕ ОБЛИЦИ настанати со карстна ерозија се карстните полиња. На Бистра се наоѓаат 14 карстни полиња (Тонивода, Говедарник, Бардаш, Султаница, Соломуница, Суво поле, Мал и Голем Брезовец, Чукни Топаница, Долно и Горно Попљце,Tри бари, Три гроба и Лазарополе).



ОВА ЕЗЕРО ПРЕТСТАВУВА вистински бисер во националниот парк и општината. Иако е вештачко, сепак плени со својата убавина, посебно кога се гледа од скијачките терени на Бистра. Покрај риболовот, на езерото се нудат можности за кампување и прошетки. Околу самото езеро поминува добро одржан асфалтен пат, кој може да се искористи за обиколка на целиот мавровски дел од националниот парк, да се погледнат убавите скијачки терени, хотелите, вилите и да се посетат многуте туристички објекти.


ЕДНА ОД НАЈИМПРЕСИВНИТЕ ГЛЕТКИ кои ги нуди езерото е потопената стара црква во Маврово, од која во одреден период од годината кога водата на езерото го постигнува највисокото ниво, може да се види само дел од покривот и половина од камбанаријата. Оваа црква била потопена при изградбата на езерото, односно со изградбата на хидросистемите „Маврово“ во 1857 година, во тогашното Мавровско Поле. Иако поголем дел во годината е под вода, во ретките прилики кога водата од езерото се повлекува, сеуште може да се види нејзината цврста градба. Црквата претставува своевиден заштитен знак на селото и поширокиот регион. 


ОХРИД СПОЈ НА ИСТОРИЈАТА И МОДЕРНИОТ ЖИВОТ

Градот Охрид е туристички, културен и духовен центар на Република Македонија. Овој град има историја со континуиран живот на човечки заедници од 7 000 години и е еден од најстарите на светот, заедно со Ерусалим, Рим и денешен Истанбул.
Охрид се наоѓа на надморска височина од 695 метри и е најголем град на брегот на Охридското Езеро кое се проценува дека е старо околу 3 милиони години и е едно од најстарите езера на светот. Езерото изобилува со ендемска флора и фауна и заедно со Градот Охрид е ставено на списокот на УНЕСКО како светско културно и природно наследство.



Седумте милениуми постоење во градот оставија огромно културноисториско наследство, па во Охрид можете да сретнете локалитети и објекти кои датираат од праисторијата, антиката, ранохристијанството, средновековието, исламот. . .Градот е седиште на Македонската Православна Црква олицетворена во Охридската Архиепископија, верска институција која била меѓу првите кои го донеле христијанството во Европа. 
Низ вековите, Охрид бил поробуван, уништуван од човечка рака и од природни катастрофи но секогаш градот повторно се издигал и обновувал во уште поубав.
Денешниот Охрид има околу 45 000 жители а општината е со површина од 389,93 км2. Урбаната зона на Охрид е составена од Стариот Град кој е лоциран во средината на урбаната зона, а него го чинат Варош, Месокастро и рибарската населба Канео. Во стариот Град Охрид се лоцирани најголем дел од културно историските локалитети на градот, музеите, во него се лоцирани објекти кои ја отсликуваат старата архитектура, а тука се и Заводот и Музеј на Град Охрид и Дебарско Кичевската Митрополија. Во состав на старото градско јадро е и Старата Охридска чаршија и двата градски плоштади. На едниот од нив е лоциран новиот споменик подигнат во чест на заштитникот на Охрид, Св.Климент Охридски и плоштадот кај Чинарот, дрво кое е старо повеќе од 1 000 години. Како составен дел на Стариот Охрид се смета и Градското Пристаниште.



Како засебна целина може да се гледа и на кејот кој го носи името Маршал Тито, и се протега од пристаништето па се до каналот Студенчишта. На овој кеј се изградени голем број приватни хотели со помал капацитет, ресторани, кафетерии и објекти за приватно сместување. Најрепрезентативен и најголем објект на кејот е хотелот Палас кој во моментов е во фаза на реновирање.
Останатите делови од урбаната целина на Охрид во најголем дел се новоизградени населби, а позначајни објекти и локалитети во пошироката урбана зона се Спортскиот Центар - Билјанини Извори, Хирдобиолошкиот Завод ( најстара научна институција од ваков вид на Балканот) , самите Билјанини Извори кои се во непосредна близина на заводот, каналот Студенчишта , автобуската станица, поштата, како и неколку трговски центри и бројни супер маркети, банки, бутици, автосалони и ред други содржини кои го чинат модерното живеење. Во урбано подрачје од Охрид се изградени и бројни станбени комплекси, помали хотели, мотели и приватни пансиони.



На поширокото градско подрачје е лоцирана и индустриската зона на градот која се протега во периферијата, во предградијата Косел и Лескоец каде се лоцирани најголемите фабрики во Охрид. Покрај за туризам, индустриските капацитети и разновидното стопанство го прават Охрид, атрактивен и за бизнис, па така последните години се повеќе странски компании од целиот свет, своите партнери и пробивот во Македонија и Европа го прават токму преку охридски компании. Во сферата на туризмот најголеми компании се Комплекс Метропол и Белви, Концерн Инекс Горица и Охрид Турист додека најголеми компании надвор од туризмот во Охрид се Амак Сп, Охридска Банка – Сосиете Женерал Групација , ЕМО, Алсто Мегасев, Велмакс, Си По, Гица, Адвајзори, Г.П Ремис и други.
Градот Охрид денес е место кое нуди комплетна содржина за пријатен и незаборавен одмор. Охрид изобилува со културноисториски споменици, прекрасни плажи, бродови за крстарење, ноќни клубови, дискотеки и кафетерии. Со еден збор, во Охрид се спојуваат сонцето и водата, историјата и современиот живот.